Бизнис Академија Смилевски (БАС) започна активности за реализација на два значајни истражувачко-развојни проекти насочени кон унапредување на високото образование и развој на партнерските организации. Проектите ќе овозможат создавање нови знаења, практични решенија и зајакнување на соработката помеѓу академската заедница и бизнис секторот.
Акциско истражување: „Развој на организациските капацитети за подобрување на организациската виталност на партнерските организации“
Првиот проект е насочен кон јакнење на организациската виталност и одржливост на партнерските организации на БАС преку заеднички развојни интервенции, организациско учење и имплементација на конкретни подобрувања во работењето.
Предвидени се активности за дијагностицирање на организациските потреби, формирање развојни тимови, дизајнирање и имплементација на организациски промени, следење на ефектите од интервенциите и споделување на добрите практики. Во процесот активно ќе бидат вклучени наставници, студенти, ментори и претставници на партнерските организации.
Развојно истражување: „Влијанието на вештачката интелигенција и дигитализацијата врз содржината и процесот на високото образование“
Целта на проектот е да се истражи степенот на примена на вештачката интелигенција и дигитализацијата во компаниите во Северна Македонија и врз основа на добиените сознанија да се предложат подобрувања во студиските програми, наставните методи и системите за оценување во високото образование. Во рамки на проектот ќе се реализираат теренски истражувања во партнерски компании од Пелагонискиот и Вардарскиот регион, анкетирање и интервјуа со менаџери, анализа на потребните компетенции на идните кадри, како и работилници со наставниот кадар за модернизација на наставните содржини и процеси.
Со реализацијата на овие проекти, БАС го зајакнува својот стратешки фокус кон иновации, дигитална трансформација и развој на современи организациски практики, создавајќи дополнителна вредност за студентите, компаниите и пошироката општествена заедница.
