Петте „П“ на Минцберг за бизнис стратегиите

Автор: виш пред. м-р Иван Ѓорѓиевски

 

 

Хенри Минцберг, е еден од најактивните професори и автори во полето на менаџментот, особено во делот на бизнис стратегиите. Неговите „5 П на бизнис стратегиите“ се замислени како сеопфатни, условно кажано, водилки во креирањето на стратегијата на еден бизнис. Креирани уште во 1987година, повеќе од три децении подоцна, сеуште се применливи во модерните бизнис авантури, што говори за безвременоста на неговата работа.

Како што се објаснети на вебсајтот The Business Professor, петте П или во изворна варијанта The 5 strategy Ps според Минцберг се:

„П“ Дефиниција или значење
Plan /MK: План/ Основниот, автоматски пристап кон креирањето на потенцијални цели и планирање насоки и активности за нивното исполнување.
Ploy /MK: Заговор/ Минцберг вели дека начините на „борба“ со конкуренцијата се, скоро секогаш, дел од стратегиите. Бидејќи во суштина планирањето активности кои ќе ја „победат“ конкуренцијата претставува заговарање, а тоа сепак одзема значително многу време и енергија, затоа е поставено како второ П во моделот на Минцберг.
Pаttern /MK:  Шаблон/ Со текот на времето, стратегии почнуваат да никнуваат под влијание од минати искуства и однесувања, што всушност говори за фактот дека не секогаш стратегијата е намерна и планирана активност. Понекогаш едноставно, таа доаѓа како резултат на серија повторени однесувања, односно, ко што ги дефинира Минцберг – шаблони.
Position /MK: Позиција/ Позицијата е всушност друг начин да се дефинира стратегијата. Имено, преку идејната замисла за позицијата (во корелација со пазарот) всушност се крои стратегија. Позицијата всушност бара од стратезите да ја земат во предвид самата организација и нејзината врска(и) со околината, преку кое набљудување може да се креира (и одржи) конкурентска предност.
Perspective /MK: Перспектива/ Како што шаблоните на носење одлуки базирани на претходни искуства, така и шаблоните во организациското однесување (и размислување) можат да влијаат на стратегијата. Ова влијание е евидентно преку перспективата на луѓето, која е пак во директна корелација и целосна меѓузависност со организациската култура.

Минцберг во своите финални предлози, препорачува и повикува на внимание при креирањето стратегии, најмногу поради фактот дека овој модел не треба да се смета како процес за следење, туку како концептуален модел за разгледување на стратегиите од повеќе можни гледни точки. (Gordon, 2021)

За крај, главниот разлика меѓу бизнис моделите и бизнис стратегиите е всушност во нивниот опфат. Според Тис (Teece, 2010), бизнис моделите се генерално пошироки и посеопфатни по својата природа, додека бизнис стратегиите се поконцизно дефинирани и повеќе детализирани. Заедницата и настојувањето за висока интерконекција меѓу бизнис моделите и стратегиите е неопходна со цел постигнување на конкурентска предност и заштита на истите.