Пракса- стекнување на вистински вештини и пат до побрзо вработување
Пракса, пракса и само пракса. Тоа се зборовите кои постојано ги повторуваме на нашите студенти во БАС.
Менаџментот е занает, а како и секој друг занает, може вистински да се научи само преку работа. Студиските програми по бизнис менаџмент и маркетинг менаџмент се конципирани секој студент да има 100 дена пракса за време на студиите.
Во прв семестар се лабораториски вежби каде студентите формираат виртуелни компании и работат на реални задачи (изработка на маркетинг стратегија, продажни презентации на производи/услуги, подготовка на тендер и сл.) водејќи сметка за профитабилноста на секој од предизвиците. Целиот процес е надгледуван од Координаторот за пракса кој во случајот има улога на фасилитатор на процесот и нема никакво директно влијание врз резултатите кои ќе ги остварат компаниите.
Во втор семестар, студентите заедно со Координаторот имаат групни посети на нашите партнерски организации каде се запознаваат со: визијата и мисијата на компанијата; организациската структура, производите/услугите, секојдневната работа на менаџерите и сл. Преку овие активности студентите првично се запознаваат со нашите партнерски организации и „пикираат“ во кои компании би сакале да ја реализираат праксата.
Во понатамошниот дел од студирањето (преостанатите 4 семестри и двете летни паузи) секој студент е на пракса во доделена партнерска организација каде е вклучен во работата на менаџерите преку: набљудување, помагање и самостојна работа. На овој начин ги подготвуваме студентите за она што ги чека по дипломирањето, а оние студенти кои се истакнуваат добиваат понуда за работа уште веднаш. За време на праксата, секој од студентите има назначен ментор кој ги задава задачите и го следи напредокот на студентот. Координаторот за пракса во БАС е во постојана комуникација и со студентот и со менторот, со цел да се осигура дека процесот тече како што треба.
Ние како БАС силно веруваме во овој модел на учење кој претставува спој на теорија и пракса. Теоретската подготвеност е одлична за согледување на „големата слика“, а практичните вештини се оние кои ја создаваат додадената вредност.