Бизнис академијата Смилевски – БАС Битола, на 5 јуни 2026 година ќе биде домаќин на Деветтата меѓународна научна конференција „Современите менаџерски предизвици и организациските науки“, која годинава ќе се одржи со предметен фокус: „Академски и консултантски предизвици за обезбедување организациска виталност“.
Конференцијата се организира од БАС Институтот за менаџмент – Битола и Бизнис академијата Смилевски – БАС Битола, во соорганизација со Високата техничка школа за стручни студии од Зрењанин, Република Србија и Универзитетот за применети науки „Лавослав Ружичка“ од Вуковар, Република Хрватска.
Настанот ќе се реализира во просториите на БАС во Битола, на ул. „Херцег Нови“ бр. 6, и ќе обедини претставници од академската, научната, консултантската и деловната заедница.
Во фокусот на конференцијата ќе бидат современите предизвици поврзани со организациската виталност, системското размислување, стратегискиот менаџмент, лидерството, професионалната и менаџерската сукцесија, дигитализацијата, вештачката интелигенција и организацискиот имун систем.
Преку тематски форумски секции ќе се дискутира за начините на кои организациите можат да ја задржат својата стабилност, адаптибилност и развојна способност во услови на динамични промени.
Конференцијата има за цел да поттикне научна и стручна дебата, размена на искуства и воспоставување нови форми на соработка меѓу академската заедница, консултантите, институциите и деловниот сектор.
Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница: www.bas-konferencija.mk
