Како се одвива наставата на БАС?

СТИЛ НА НАСТАВА

Академијата користи автентична дидактика на ефективна академска настава втемелена на андрагошките принципи на искуственото учење на возрасните. Содржините од наставната програма се обработуваат низ реални проблемски студии на случаи од македонското деловно секојдневие. Наставата е организирана во триместри со цел да се обезбеди сукцесија на меѓусебноповрзаните содржини од задолжителните и изборните предмети. Со ваквата динамика се овозможува поголема концентрација и интензивирање на студирањето, што е особено корисно при работа со возрасни студенти со деловно искуство кои се целната група на оваа студиска програма.

Редовни студии

Наставата за редовните студенти се изведува според интерактивна наставна програма за развивање на специфични менаџерски вештини неопходни за работата на професионалниот менаџер. Потребните реални деловни искуства студентите ги стекнуваат преку континуирана теренска студентска практика од еден ден неделно во текот на студиската година и феријална пракса во текот на летото во партнерските организации на Академијата.

Вонредни студии

Наставата за вонредните студенти се изведува според посебно креирана наставна програма која се фокусира на споделување на личните деловни искуства на студентите. Ваквата настава е суштинска за искуствено поврзување на стекнатите менаџерски вештини со неопходните теоретски концепти од областа на професионалниот менаџмент.

Постдипломски студии

Наставата на постдипломските студии се изведува според наставна програма која се фокусира на размена и толкување на деловните искуства на студентите и нивното поврзување со студиската материја. Основната структура на програмата за постдипломски студии е дизајнирана за кандидати со завршени тригодишни додипломски студии во областа на бизнис менаџмент кои имаат стекнато 180 ЕКТС. Специфичната програма е прилагодена и за кандидати со завршени чатиригодишни додипломски студии и стекнати 240 ЕКТС.

Синергирани студии

Синергираните студии имаат за цел да овозможат длабинска индивидуална подготовка за професионална менаџерска работа. Овој вид на настава е костумизиран за оние студенти на Академијата кои поради своите секојдневни деловни обврски се оневозможени да ја следат редовната настава во студиската група.

Студии на далечина

Академијата организира студии на далечина за студентите кои престојуваат надвор од земјата и за оние кои се објективно попречени редовно да следат настава. Овие студии се изведуваат преку електронската образовна платформа на Академијата.

Студенти со четиригодишни додипломски студии

Студентите кои запишуваат постдипломски студии со завршени сродни четиригодишни додипломски студии студираат по прилагодена студиска програма која ги валоризира претходно стекнатите кредити на првиот циклус на студии. Времетраењето на овој вид студии е три триместри и е со соодветно намалена цена на студиите.

Трансфер на кредити

Академијата врши трансфер на кредити од други високообразовни установи, согласно критериумите за сродност на студиските програми. Бројот на трансферирани кредити може да биде најмногу во висина од половина од бројот на кредити на студиската програма. Вредноста на трансферираните кредити се одбива од вкупната школарина.